Проректори | Проректор за меѓународна соработка

 

Проф. д-р Александар Скепаровски
(a.skeparovski@ukim.edu.mk)

 

Проф. д-р Александар Скепаровски е роден на 21 април 1971 година во Шибеник, Република Хрватска. Основно и средно образование завршил во Скопје.

Дипломирал применета физика на Природно-математичкиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, во 1998 година, каде што потоа ги завршил и постдипломските студии по физика на кондензирана материја. Магистрирал во 2005 година.

Во 2007 година ја пријавил докторската дисертација со наслов: „Електрични и диелектрични својства на ултра тенки филмови од Ta2O5:Ti“, а ја одбранил во 2011 година на Природно-математичкиот факултет во Скопје, со што се стекнал со звањето доктор на физички науки.

На Природно-математичкиот факултет во Скопје е вработен од 1999 година. Започнал како стручен соработник, па последователно бил избиран во сите соработнички и наставно-научни звања, заклучно со изборот во звањето редовен професор во 2021 година.

Вклучен е во наставата на сите три циклуси на студии по физика. На првиот циклус, додипломски студии, ја одржува наставата по предметите Механика и Физика на тврдото тело, додека на вториот циклус, магистерски студии, и на третиот циклус, докторски студии, на кои е и акредитиран ментор, ја одржува наставата по неколку специјализирани курсеви од областа на физика на кондензирана материја.

Во рамките на неговата досегашна наставно-научна пракса, проф. д-р Скепаровски има реализирано околу 15 студиски и научни престои на универзитети и научни институции во Франција, Холандија, Бугарија, Грција, Романија и други. Соработува со истражувачи од неколку земји, а има долгогодишна, интензивна соработка со една истражувачка група од Институтот за физика на тврдо тело при Бугарската академија на науките и друга од Одделот за физика на Универзитетот во Јорк, Англија. Член е на Истражувачкиот центар за животна средина и материјали при Македонската академија на науките и уметностите.

Главно подрачје на научен интерес на проф. д-р Александар Скепаровски се тенките изолаторски филмови за примена во микроелектрониката, вклучувајќи ги методите за нивно добивање, експерименталните техники за карактеризација на електричните својства и моделирањето на транспортните процеси. Се занимава и со тенки филмови кои поседуваат магнетски својства, како и со органски спроводници.

Работел на 10 национални и меѓународни научноистражувачки проекти и учествувал во својство на пленарен или поканет предавач на повеќе од 25 научни собири (конференции, работилници, школи и сл.). Има објавено околу 30 научни и 10 стручни трудови.

Тој е активен член на Друштвото на физичарите на Република Македонија од 1999 година, каде што извршувал повеќе функции како: благајник на Друштвото, член на Управниот одбор и претседател на Комисијата за подготовка на задачи за натпревари по физика. Учествувал, исто така, и во низа активности поврзани со популаризација на физиката, како и во подготовката на наши ученици за меѓународните олимпијади по физика.

Во периодот од 2011 до 2015 година бил координатор за сите шест студиски програми на Институтот за физика при Природно-математичкиот факултет во Скопје. Учествувал во работата на разни комисии и работни групи, меѓу кои и во Комисијата за самоевалуација на УКИМ. Во септември 2016 година е избран за раководител на Институтот за физика при Природно-математичкиот факултет, а во октомври 2020 година е реизбран на истата функција. Почнувајќи од февруари 2021 година, тој ја извршувал функцијата декан на Природно-математичкиот факултет. На оваа функција остана сè до неговото назначување за проректор за меѓународна соработка на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, во октомври 2023 година.