Policies | Gender Equality Plan

Родовата еднаквост е едно од суштинските човекови права заштитени од страна на ОН и основна вредност на Европската унија. Подобрувањето на родовата еднаквост може да се постигне и на национално и на институционално ниво, со обезбедување на соодветни активности и со вклучување на сите актери. Воспоставувањето на еднакви можности за жените и мажите во образованието и науката, во рамките на универзитетот, е предуслов за идно позиционирање на рамноправно делување на своите студенти во сите сфери од нивниот општествен живот. Примената на еднакви можности на различни нивоа, како што се вмрежувањето и мобилноста на студентите и академскиот кадар, како и овозможувањето на еднакво учество во разни истражувачки и иновациски проекти, придонесува за подобрување на квалитетот и на образовната и на научната работа. Еднаквата родова праведност во истражувањето и наставата и еднаквоста во научните и истражувачките кариери, лидерството и учеството во сите органи, се најважни за создавање на подобра и поквалитетна работна средина, генерално во сите аспекти на функционирањето на универзитетот.

Република Северна Македонија, e мала земја без излез на море, со околу 2 милиони жители и е земја-кандидат, која се стреми да стане членка на Европската унија. Според податоците од Државниот завод за статистика на Република Северна Македонија, процентуалната застапеност на жените и мажите во вкупното население е речиси еднаква, односно 49,9% од населението се жени, додека 50,1% се мажи.

Република Северна Македонија го регулира националниот систем со воспоставување на еднакви можности за жените и мажите, со правата и обврските за обезбедување на таквата еднаквост, односно тоа е националното законодавство и структурите за поддршка и промовирање, во кое на различни нивоа, веќе се воспоставени еднаквите можности помеѓу жените и мажите. Главниот закон кој ја регулира родовата еднаквост во Република Северна Македонија е Законот за еднакви можности на жените и мажите, а главната институција одговорна за имплементација на оваа политика е Министерството за труд и социјална политика, кое во моментов развива нова Национална стратегија за родова еднаквост за периодот 2021-2026 година.

Во 2011 година, Република Северна Македонија ја потпиша Конвенцијата на Советот на Европа за спречување и борба против насилството врз жените (Истанбулска конвенција) и ја ратификуваше Конвенцијата на крајот на 2017 година. Република Северна Македонија има развиено и Национален акционен план за имплементација на Истанбулската конвенција (2018-2023).

Во 2019 година, Република Северна Македонија објави сопствен индекс за родовата еднаквост со скор од 62 поени. Според анализата на Европскиот институт за родова еднаквост Република Северна Македонија се наоѓа малку под просекот на Европската унија од 67,4 поени. Ова ја става земјата на 16-то место во споредба со земјите од ЕУ. Во доменот на моќта, земјата има подобри резултати од Европската Унија. Република Северна Македонија има 52,6 поени, во споредба со просекот на ЕУ од 51,9. Сепак, остануваат значителни родови нееднаквости, особено кога станува збор за приходите и заработувачката, како и за споделувањето на обврските во домаќинството.

Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (УКИМ), е најголемиот и најстар државен универзитет во Република Северна Македонија, финансиран од државата и е основан во 1949 година Денес, Универзитетот претставува функционална заедница од дваесет и три факултети, пет истражувачки институти и дванаесет придружни институции. Универзитетот е главниот вршител на истражувања во земјата и со себе носи огромна експертиза од учествувањето во европските проекти. Активностите на универзитетот се пропишани со Законот за високото образование и Статутот на Универзитетот.

Членовите 16-21 од Статутот на Универзитетот Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, веќе ги регулираат и гарантираат еднаквоста, недискриминацијата и инклузивноста, и во кои што членови е предвидена заштитата од дискриминација, а предвидени се и гаранции за еднаквите можности на жените и мажите на Универзитетот. Стратегијата на Универзитетот ,,Св. Кирил и Методиј“ во Скопје 2019-2023 година, го предвидува Принципот на еднаквост во наставно-научната дејност и заедно со Принципот на одговорност и усогласеност со највисоките можни стандарди, поттикнува активна соработка на УКИМ со високообразовните, научните и другите сродни институции во други земји.

ДОКУМЕНТИ

Декларација за родова еднаквост (МК)
Декларација за родова еднаквост (EN)
План за родова еднаквост на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (2022 – 2025) (МК)
План за родова еднаквост на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (2022 – 2025) (EN)