Почетна | Новости | 24.06.2021


Конституиран новиот состав на ИКРСМ

ПРОФ. Д-Р САШО КОРУНОВСКИ, РЕКТОРОТ НА УКЛО Е НОВИОТ ПРЕТСЕДАТЕЛ

 

На седницата одржана на 24.6.2021 година се изврши конституирање на Интеруниверзитетската конференција на Република Северна Македонија за мандатниот период 2021-2024 година.
Согласно член 89, став 4 од важечкиот Закон за високото образование во составот на Интеруниверзитетската конференција влегуваат ректорите на акредитираните универзитети, претседателите на студентските собранија на универзитетите, 20 члена од редот на редовните професори избрани од сенатите на универзитетите со тајно гласање, процентуално застапени според нивното учество во вкупниот број на редовни студенти првпат запишани во студиска година и еден член избран од редот на директорите на самостојните високи стручни школи.
На конститутивната седница на Интеруниверзитетска конференција, ректорот на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Битола, проф. д-р Сашо Коруновски едногласно е избран за претседател на ова јавно правно тело.
Новиот претседател ќе ја извршува оваа функција во претстојниот  мандатен период почнувајќи од 24.6.2021 година.
Досегашната функција претседател на Интеруниверзитетската конференција ја извршуваше проф. д-р Никола Јанкуловски, актуелен ректор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
Интеруниверзитетска конференција е форма на соработка и тело преку кое се усогласуваат заедничките интереси на акредитираните државни и приватни високообразовни установи во Република  Северна Македонија и во чии рамки се одлучува за прашања од заеднички интерес за сите високообразовни организации во државата.
Интеруниверзитетската конференција
на Република Северна Македонија