Почетна | Новости | 12.12.2022


Се отвори ФабЛаб СКОПЈЕ на Машински Факултет

МЕСТО КАДЕ ВАШИТЕ ИДЕИ ДОБИВААТ ФОРМА!
На Машинскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, на ден 01.12.2022 се отвори лабораторијата за дигитална фабрикација и производство – ФабЛаб СКОПЈЕ, каде младите ќе имаат можност да учат, соработуваат и да ги произведуваат своите идеи. ФабЛаб СКОПЈЕ е воспоставена од страна на Центарот за истражувања, развој и континуирано образование (ЦИРКО) кој е основан од Машински факултет – Скопје (МФС), преку финансиска поддршка од страна на Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР) во рамките на повикот “Предизвик за воспоставување на лаборатории за производство FAB LABS – Младите создаваат”.
Лабораторијата нуди пристап до современа технологија за реализација на своите идеи во прототипови и финални производи.
Целта на ФабЛаб СКОПЈЕ е да стане место каде младите ќе се стекнат со теоретско знаење и практични вештини за да ги претворат своите идеи во нови производи, овозможувајќи им пристап до потребната технологија.
ФабЛаб СКОПЈЕ ќе нуди професионални обуки и работилници на основно и на напредно ниво, реализирани од предавачи со долгогодишно искуство во соодветната област. Стручни работилници наменети за обучување на принципот на производните технологии и практична работа на машините ќе се нудат за 3Д печатење, за ласерско сечење, и за работа со CNC глодалки/стругови, при што учесниците ќе го изучат целиот тек на обработка почнувајќи од компјутерски дизајн на моделот па до практична изработка на продуктот. Се нудат обуки за работа со мехатронички системи и програмирање на Arduino развојни плочи, за работа со инженерски материјали и спојување, и за машинско учење со примена во производни технологии и роботика, како и курсеви за 3D CAD моделирање, CAE моделирање, и CAM курсеви за програмирање на CNC машина.
Во ФабЛаб СКОПЈЕ е овозможена физичка пристапност за лица со попреченост во движењето, како и за лица со попреченост во слухот. Планирани се и посебни активности со кои ќе се промовираат техничките науки (STEM) и производните технологии кај женската популација, како и кај младите од основни и средни училишта.
ФабЛаб СКОПЈЕ е отворена секој ден за посети и соработка. За повеќе информации следете го ФабЛаб СКОПЈЕ на социјалните медиуми, а за повеќе информации и закажување на посета контактирајте ги преку fablab@mf.edu.mk.