Почетна | Новости | 14.06.2022


Успешен прв „Ден за кариерен развој“ на платото на УКИМ

Повеќе од 1000 студенти го посетија првиот „Ден за кариерен развој“ на платото на УКИМ каде во шест часа програма, студентите имаа можност да се сретнат со 27 домашни компании, да слушнат мотивациски предавања и панел дискусии кои ќе им помогнат на патот на професионалниот развој.

Со интерактивна целодневна програма и успешно реализирани контакти меѓу студентите и компаниите, заврши првиот „Ден за кариерен развој“, во организација на Центарот за кариера на УКИМ и THRIVITY.
На 7 јуни, на платото на УКИМ, испитната сесија доби поинаква димензија бидејќи студентите овојпат имаа друга мотивација, да бидат „на факултет“ за да се претстават себе си пред компаниите, да слушнат и доживеат нови знаења и искуства, од професионалците кои беа дел од мотивациските говорници или учесници на панел дискусиите. Сето ова е во насока да се зголемат можностите за едноставно започнување на професионалната кариера на студентите, кои поттикнати уште за време на студиите ќе ги развиваат своите вештини и компетенции потребни за пазарот на труд.

За време траење на настанот 150 студенти направија професионално CV и се фотографираа за него, а 50 студенти добија директна понуда за практикантство и за прво вработување, на штандовите на 27-те компании кои ги претставија своите можности за вработување.

Настанот го отвори Ректорот на УКИМ, проф. д-р Никола Јанкуловски, кој изјаави дека „Поттикнувањето на интересот на студентите при планирање и насочување на нивната кариера,  ставање фокус на практиканството, поголем акцент на „активно“ учење и поставување на студентот во центарот на наставата, се главни елементи што ги поттикнуваат мотивацијата, креативноста, самоанализата и ангажирањето на студентите во процесот на учење и на стекнување компетенции за вработување, во таа насока е и нашата цел со денешниот настан, кој се надевам дека ќе стане традиција“.

„Задачата на Центарот за кариера на УКИМ  е да биде мост меѓу своите студенти од една страна и бизнис заедницата од друга страна, вмрежувајќи ја младоста и потенцијалот на студентите, со искуството и предизвикот што го нудат компаниите, лидери на пазарот на труд во нашата земја. Тоа го покажавме и направивме директно на првиот Ден за кариерен развој. Искрено се надевам дека нашите заложби ќе ги почувствуваат студентите, како вистинска додадена вредност за време на нивното студирање и за нивното студентско портфолио, бидејќи студентите биле, се и ќе бидат најголемиот капитал на еден универзитет, како идни креатори и двигатели на прогресот на општеството во целост.“ – рече во своето обраќање проф. д-р Јасмина Тониќ Рибарска, раководител на Центарот за кариера на УКИМ.

„Директните средби на студентите со компаниите е најголема придобивка на овој настан, бидејќи компаниите бараат нови кадри, а студентите треба да бидат отворени и да им се претстават себе си. Верувам дека студентите ја сфатија пораката,  да не чекаат, никој нема да дојде дома да ги вработи, дека треба да се активираат и уште во студентските денови да почнат со својот развој, собирање искуства и градење на компетенции.“ – изјави Дејан Ваневски од THRIVITY Кариерен центар.

По овој настан продолжуваат активностите за вмрежување на студентите и компаниите и развивање на нивните професионални потенцијали.

Фотодокументација од настанот може да се најде на следниот линк