Почетна | Новости | 05.05.2024


5 Мај – Ден на македонскиот јазик

На овој голем ден, на 5 мај 1945 година е објавена и озваничена македонската азбука со Решение за македонската азбука. Кодификацијата на македонскиот јазик е направена со Одлука на АСНОМ на 2 август 1944 година. Со Решение на Народната влада на Федерална Македонија е усвоена азбуката на македонскиот јазик, а на 7 јуни истата година е усвоен и правописот на македонскиот јазик. Потоа следуваат и основоположничките дела на великанот на македонскиот јазик и наука за јазикот, Блаже Конески: Граматика на македонскиот јазик, Речник на македонскиот јазик и Историја на македонскиот јазик, со што се заокружува кодификацијата на македонскиот јазик.

Во тој дух, понесени од идеалите на нашите великани кои имале јасна визија за македонскиот јазик, идентитет и култура, УКИМ, како најстар, најуспешен, реномиран, отворен и современ универзитет, искажува гордост што е достоен афирматор, поддржувач на македонистичката научна дејност преку развој и раст на науката за македонскиот јазик, литература и култура.

Нека ни е честит Денот на македонскиот јазик – столбот на нашиот идентитет, нашиот дом, нашата татковина и нашиот скапоцен завет. Завет кој може да се сфати како прекрасен творечки и научноистражувачки процес, кој имаат можност да го запознаваат, развиваат, истражуваат, афирмираат и иновираат следните генерации. Кај нас и во светот.

УКИМ, во својот 75-годишен развој и подем, е темелен истражувач, афирматор, но и верен чувар на јазикот како врвно национална богатство и суштина на нашиот идентитет и култура.

проф. д-р Биљана Ангелова, ректор