Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје е првиот државен универзитет во Република Северна Македонија, формиран во 1949 година со три факултети.
Денес, тој претставува заедница на 23 факултети, 5 научни институти, 4 јавни научни установи – придружни членки, 1 придружна членка – друга високообразовна установа и 7 придружни членки – други организации. Неговата дејност е уредена со Законот за високото образование и со Статутот на Универзитетот.
На Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје се реализираат студиски програми на сите три високообразовни циклуси, во сите научноистражувачки подрачја: природно-математичките, техничко-технолошките, медицинските науки и здравствoто, земјоделските и ветеринарните науки, општествените, хуманистичките науки и уметностите. Научноистражувачката работа се одвива на факултетите и на научните институти во состав на Универзитетот.
Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје го отсликуваат следните податоци: во наставно-образовниот процес, кој се одвива на сите факултети, се вклучени повеќе од 28.538 студенти на прв циклус и 1479 студенти на втор циклус на студии. Третиот циклус – докторски студии се реализира во рамките на Школата за докторски студии на УКИМ, со вкупно 1378 студенти. Во реализацијата на образовниот и научноистражувачкиот процес на факултетите и институтите учествуваат над 3.100 наставно-научни, соработнички и административни кадри.
Во досегашниот развој на Универзитетот се создадени околу 134.600 високостручни кадри, над 13.800 магистри и специјалисти и околу 4.000 доктори на науки во сите наставно-научни области.
Во вкупната дејност на Универзитетот посебен белег имаат уметничките, спортските, информативните, рекреативните и други активности, организирани во разни друштва, сојузи, клубови и слично.
|